Веќе пристигнуваат електронските барања за слободен свадбен термин во 2017, а со тоа започнуваат и првите подготовки за големиот ден.

Илјадници локации, милион начини за декорација и безброј закажани термини за свадба. Сигурно сте се запрашале – како би требало да изгледа совршената свадба?

 

Различни вкусови, различни датуми, различни гости – сето ова влијае врз изборот на свадбената тема и атмосферата во која ќе се одржи најважната ноќ. Меѓутоа, секогаш е добро да се има одредени насоки кои ќе ни помогнат да кажеме – „Да – сакам ваква свадба!“.

 

Земајќи во предвид дека многумина веќе се длабоко навлезени во подготовките за нивната свадба, она време кое преостанува може да го искористите за планирање или промена на одредени детали, следејќи ги најголемите трендови за идната, 2017-та година.

 

1. Гламур или скромност?

 

Зошто не и двете? Или ниту едно?

 

Размислувајте за персонализирана тема која ќе биде носечка и добро препознатлива за вашиот карактер. Сепак, тоа е ваша свадба, а не свадбата од соништата на вашите гости.

 

 

Следејќи ги досегашните случувања, се претпоставува дека во 2017 година ќе преовладуваат „смирувачките“ бои во комбинација со „метални“ детали. Сребрени, златни и бакарни бои ќе бидат застапени на голем дел од елементите како фустани, прибор и свадбени покани. Целта е да се добие умешен баланс кој ќе предизвика хармонична атмосфера.

 

Минималистичкиот пристап кон свадбената декорација веќе е во подем, па од тука, имајќи го на ум овој фактор, потребно е добро да изберете вашиот декоратор.

 

2. Добрата храна е задолжителна

 

Кога последен пат сте се изненадиле од храната на некоја свадба?

 

Кога станува збор за храната, потребно е размислувањето да се движи во обратен правец. Се разбира, бројот на гостите е клучен фактор, меѓутоа потрудете се храната да го добие заслуженото внимание.

 

 

Каква е локацијата? Какво ќе биде времето? Има ли вегетаријанци или гости со специфичен вкус? Кој ќе ја подготвува храната?

 

Одговорите на овие клучни прашања ќе ви помогнат да ги надминете непријатностите кои понекогаш знаат да бидат вистински проблем.

 

Во 2017-та – веќе ништо нема да биде чудно. Време е да се надминат класичните пристапи на сервирање и да се пренесе забавниот и опуштен начин на заеднички ручек или вечера. Од камиончиња полни со карневалска храна до големи дрвени шанкови подготвени за пријателски закуски и смеење.

 

3. Кој е за кафе?

 

Колку ќе се радуваат гостите ако им го ублажите мамурлакот после свадбата или следното утро?

 

Еден од трендовите во 2017 е – персонализирано свежо кафе за гостите. Младоженците имаат можност да дизајнираат сопствено кафе или посебни чашки за кафе кои гостите ги пречекуваат со задоволство.

 

 

4. Кул деверуши – кул невеста

 

Време е за разноликост. Сте размислиле за концептот – секоја деверуша со свој стил?

 

Во 2017-та воопшто нема да биде чудно секоја најдобра придружничка на невестата да изгледа независно од останатите. Сепак доколку сите се вклучени во изборот на фустанот, ќе се задржи една основна тема во која деверушите ќе се издвојуваат, но сепак ќе останат препознатливи.

 

Кога станува збор за невестинскиот фустан, во 2017-та ќе преовладуваа микс од модерни и  ретро елементи. Очекувајте силни и впечатливи бои, хип и секси дизајни.

 

 

5. Тортата

 

Едноставно, држете се до минималистичкиот пристап. Едноставни и еднобојни торти не значат досада и невнимателност.

Се претпоставува дека во 2017-та ќе ја одбележат лесни свадбени торти со внимателно поставени бои.

 

 

Од друга страна, ги имаме и анимираните торти.

 

Замислете – приказната која најмногу ви значи, пренесена на свадбената торта. Овде вистинскиот тајминг е многу важен и потребно е да се провери целиот концепт пред започнувањето на свадбата.

 

6. Во сопствен филм

 

Имате омилен филм? Омилена слика или песна? Зошто да не се ставите во истиот?

 

Можеби не сте пријатели со технологијата, меѓутоа може да ви го направи целото искуство незаборавно.  Од cool ретро фотки, дизајнирани покани, до кратки sci-fi анимирани филмчиња и мултимедијални елементи. Размислете како најдобро може да го искористите модерните алатки за да ја задржите креативноста и после свадбата.

 

 

7. Изненадување!

 

Преовладувачки концепт за свадбите во 2017-та е моментот на изненадување.

 

Без разлика на свадбената локација, бројот на гостите и соодветниот буџет, сите сакаат пријатни и непредвидливи изненадувања. Кршејќи ги клишеата, слободно искористете ги вашите идеи, колку и да ви изгледаат бизарни.

 

 

За крај, постојат безброј начини каде што може да си играте со вашата имагинација, правејќи ја вашата свадба уникатно искуство. Вклучувајќи ја музиката и бендот, тортата, поканите, локацијата, храната и вистинските луѓе, внесете свежина во долго планираниот ден и пред сè, препуштете се на вистинската причина – љубовта.