Ама кога ќе речеме на висока нога, не мислиме само на екстраваганција, елеганција, малку повеќе луксуз и слично – буквално мислиме „на високо“. На пример, свадбен термин во саат кула како оваа во Денвер.
Атмосферата, истовремено, интимна и свечена - „две во едно“, за добитна комбинација каква што замислуваат и посакуваат сите оние за кои свадбата не е само јавен чалам и пренагласена помпезност, туку повеќе интимен момент кој сакаат малку да го споделат со најблиските, во дискретно свечено издание и амбиент.
Освен тоа, ќе добиете добиете дополнителна потврда дека времето е вистински на ваша страна, кога пред вас или во непосредна ваша близина ќе го имате големиот часовник кој ќе ги откчукува минутите и часовите на вашиот најзначаен ден во животот, а тоа нема да го перцепирате како потрошено време кое ви упатува само на вашата минливост, туку многу повеќе како вонвременски мигови кои ви ја потврдуваат најголемата доблест и значајност на истата – љубовта и доживотното споделување на тие емоции со саканата личност.
Една ваква свадбена церемонија, на ваква висина и во ваква атмосфера, ќе ви го долови чувството како е од високо да се погледне на животот и нештата, вклучително и топлите љубовни емоции, не само во буквална смисла, туку и фигуративно, во секој момент истовремено весели и разиграни, но и над сите секојдневни баналности и тривијални предизвици кои ни ги исполнуваат животите.
Плус, замислете го кажувањето на судбоносното „да“ и прослава на тој голем момент, таму негде, над сите други луѓе во градот, романтично загледани во некоја филмска природна сцена со зајдисонцето пред вас и сите тие бои на западното небо, кои дополнително ќе ги збогатат и обојат во најразлични нијанси вашите славенички моменти, но и емоции.
А вакви зданија имаме и ние тука, во повеќето наши градови. Добро, не баш со иста конструкција и „ентериер“ како ова, но сепак, ги имаме. Па зошто да не бидат пренаменети и адаптирани и за една ваква благородна „јавна мисија“ како венчавки и свадби, за луѓето да ги паметат по уште поубави работи, освен по спомените од нивната младост кои се поврзуваат со ваквите објекти и нивната потесна околина (знаете, она, од типот „прва љубов“, „прв бакнеж“, „први разменети погледи и запознавања“ кои неретко се поврзани со некоја клупа под саат кулата во центарот од некој град и слично).