Вашата свадба била или сигурно ќе биде – неверојатна. Сепак, после големиот ден можеби ќе жалите за неколку работи кои не сте успеале да ги направите. Најголемиот дел од младоженците ќе ја паметат својата свадба како еден од најубавите денови во животот, но ќе признаат дека некои работи би можеле да ги направат поинаку.
Од помалку деверуши и помал број на гости до повеќе време за својот партнер, еве на што најмногу се жалат нашите невести.
„Требаше да бидам посебична.“
На прв поглед, можеби звучи лошо, но кога добро ќе размислите, свадбата е ден посветен на двајца кои ќе го поминат животот заедно. Иако најдобрите пријатели и семејството се тука да бидат сведоци на еден преубав чин, сепак невестите мислат дека премногу се посветиле на останатите гости, отколку на сопствените желби.
Премногу се грижат за сите да бидат задоволни, сите да добијат тоа што го сакаат, а себеси се тргнуваат на страна. Не мора секогаш да правите компромиси околку одлуките за вашата свадба, понекогаш е потребно да застанете цврство и да се изборите за вашиот став. Ова не ве прави себични, сепак се работи за вашата свадба.
„Требаше да поканам помалку луѓе.“
Бројот на гостите на свадбата зависи од многу работи. Од вашиот партнер, вашите родители, од свадбената локација, од терминот за свадба. И кога ќе завршите со свадбениот список, сфаќате дека бројката е многу поголема од првичната замисла.
За да не зажалите подоцна, потребно е на време да го намалите бројот на гости. Направете селекција и размислете убаво за тоа кој навистина треба да биде присутен на забавата, а со кој нема да се видите веќе по завршувањето на свадбата. На овој начин, навистина ќе имате повеќе време да им посветите на оние кои најмногу ви значат.
Мала помош од Термин.мк – 7 совети за намалување на бројот на гости на свадба.
„Требаше да одвојам време за да јадам.“
Шетањето од маса до маса, обрнување внимание на сите детали и потрагата по вашите деверуши за едно брзо селфи навистина не ви остава многу време да јадете. A толку се трудевте да го изберете совршеното мени за вашите гости. За на крај, да не остане време ни да го пробате.
Направете простор за одмор и вечерајте за прв пат како маж и жена на раат. А доколку навистина немате време, замолете некоја од деверушите да ви спакува нешто за дома.
„Требаше да има повеќе фотки.“
Ја најдовте совршената локација за свадба, jа избравте декорацијата која најмногу ви се допаѓа и се погриживте за сите детали. Но, разговаравте ли со вашиот фотограф? Објаснете му на фотографот кои моменти ви се најважни и на што би сакале да обрне повеќе внимание.
Не би сакале да останете без слики со специјалниот музички гостин, од одредени моменти со вашите најблиски, неверојатниот десерт или пак од некои гости кои ви се важни.
„Требаше да забавам малку.“
Еве едно правило кое мора да го запаметите: Забавата не може да продолжи без вас!
Една грешка која ја прават многу невести е брзото темпо со кое ја поминуваат целата свадба. Земете воздух и забавете малку. Сликајте се со омилените луѓе, бидете до вашиот партнер, одвојте време за сите кои ви се важни. Намалете го темпото и обидете се да уживате во секој момент, бидејќи терминот - Свадба ќе заврши дур да трепнете.