Мала или голема свадба? Колку гости? Едни од најважните прашања при планирањето на секоја свадба. Многу време се посветува на правењето на совршената листа на гости, и навистина, оваа задача знае да биде многу стресна. Постојат толку многу работи кои треба да ги земете в предвид, од вашата и замисла на вашиот партнер за големиот ден, очекувањата на родителите, како и чувствата на пријателите.

 

Едноставно, невозможно е да се задоволат сите страни. Добро, доколку имате неограничен буџет, совршена локација, и доколку вашата фамилија и сите ваши пријатели размислуваат исто како вас, можеби, само можеби сите ќе бидат среќни. Но да се вратиме во реалноста.

 

Да го решиме проблемот со гостите уште денес. Еве ги нашите совети.

 

1. Изберете локација според вашата визија и буџет

 

Вашата замисла и вашиот буџет за најважните елементи при планирањето на големиот ден. Кога овие две работи ќе ги одлучите, сте го завршиле најголемиот дел од планирањето за вашата свадба.

 

 

Со самото ова, и најголем дел од списокот со гости ќе биде решен, верувајте. Доколку замислувате мини интимна венчавка во зелена природа и вечера во омилениот ресторан во кој собира само 20 луѓе, тогаш знаете дека бројот на гостите е ограничен, па така ќе бидете принудени да го скратите списокот. Дури и доколку вашата локација од соништата има капацитет за повеќе гости, но сте замислиле помала свадба, резервирајте во истата и ограничете го бројот на гости.

 

Доколку веќе имате замисла за совршената локација, погледнете ги свадбените локации на Термин.мк и изберете ја онаа која најмногу ви одговара.

 

Запамтете, ова е вашиот посебен ден, па сакате вашата свадба да биде на место кое навистина го сакате. Не дозволувајте бројот на гостите да одлучи за свадбената локација.

 

2. Направете категории за гостите

 

Намалувањето на бројот на гостите за вашата свадба знае да биде стресно искуство кое на прв поглед изгледа дури и невозможно. Еден начин да го скратите списокот е да ги групирате гостите во повеќе категории: најблиска фамилија, блиски роднини, далечни роднини, блиски пријатели, фамилијарни пријатели, колеги, познаници, деца итн.

 

 

Потоа, рангирајте ги сите категории според нивната важност и почнете да го кратите списокот од најдолните. Сигурно ќе имате луѓе кои може да ги сместите во повеќе категории, како на пример колега или колешка која исто така е и блиска пријателка, па така ви препорачуваме да ги сместите во категоријата која ја вие лично ја сметате за поважна.

 

На овој начин, можете да го исфрлите повеќе гости од списокот одеднаш, кратејќи цели категории, и исто така го намалувате ризикот да некој се почувствува навреден, доколку знае дека се работи за намалување на бројот на гостите според цели категории.

 

3. Мислете на сегашноста, но и на иднината

 

Сигурно не сакате да гледате слики од свадбата и да се прашувате „Кој е па овој?“. Наш совет е – поканете гости кои вие и вашиот партнер заедно ги имате запознаено. Вашата свадба не е место за запознавање со нови луѓе. Едноставно, не сакате да си го трошите времето на муабети со луѓе кои првпат ги гледате.

 

Исто така, размислете со кои луѓе во последната година веќе и не се среќавате, или со кои луѓе би немале никаков контакт за неколку години од сега. Ова ќе ви помогне да се фокусирате на луѓето кои навистина ви значат, и со кои сакате да се гледате и во иднина.

 

4. Одредете колку од гостите ќе бидат гости на вашите родители

 

Можеби еден од најголемите предизвици со кој ќе се соочите при правењето на списокот на гости е да ги исполните очекувањата на вашите родители. Ако ги прашате нив за тоа кој сè треба да дојде на свадбата, подгответе се за локација со капацитет од 2000 гости и прилично дебел буџет. :)

 

 

Но, секако, треба да знаете како да ги задоволите и двете страни, при тоа држејќи се до сопствената визија за свадбата. Ако родителите ја плаќаат свадбата (или дел од неа), потребно е да ги поделите гостите процентуално според одвоениот буџет. Ако родителите од двете страни еднакво помагаат, тогаш би било убаво бројот на гостите да се подели по 50% на двете страни.

 

Ако само родителите од едната страна ги покриваат најголемите трошоци (или сите) за свадбата, тие треба да добијат поголем процент на гости. Но, доколку сами си ја покривате свадбата, фер е барем 80% од гостите да бидат ваши, а останатите 20% од страната на вашите родители. Во секој случај, обидете се барем 50% од гостите да бидат ваши. Свадбата е ваша, и вашите гости се најголемиот приоритет.

 

5. Елиминирајте ја „плус еден“ опцијата

 

Ова е еден од најлесните начини да го преполовите бројот на вашите гости. Можете “plus one” опцијата да ја лимитирате, и да важи единствено за најблиската фамилија и пријателите, или едноставно, свадбата да биде без “plus one” опција за сите.

 

 

Адресирајте ги свадбените покани само до личноста која сакате да ја поканите. Но, некои од гостите може да претпостават дека е нормално да дојдат со придружба. Затоа, убаво е да се наведе правилото во самата покана.

 

6. Поканете само возрасни гости

 

Сосема е нормално на вашата свадба да ги планирате само возрасните гости, односно без нивните деца, особено кога се работи за специфична свадбена локација или ограничен буџет. Би било убаво да ги поканите сите, но понекогаш тоа не е возможно.

 

Доколку се одлучите за свадба на која ќе нема деца, едноставно, напишете го тоа на поканите, за подоцна да не дојде до недоразбирање. Доколку пак од друга страна имате премногу деца на свадбата, најдете локација која располага со посебен простор за малите и вработени кои ќе се грижат за нив, за да не мора да планирате екстра места за седење.

 

 

7. Поделете ги поканите

 

Доколку сè уште не можете да ја скратите листата на гости, секогаш може да ги пратите вашите покани во „бранови“. Поделете ја финалната листа во две групи: луѓе без кои не можете да ја замислите вашата свадба, и луѓе кои можеби ќе ви недостасуваат но едноставно, можете и без нив.

 

Испратете ги поканите до првата група 4 или 5 месеци пред свадбата. Кога ќе видите колку од гостите не можат да дојдат на свадбата, испратете ги поканите и до втората група, со претходно утврден распоред на испраќање, па така полесно ќе можете да го испланирате бројот на гости. Само дајте им доволно време на гостите да одговорат и да можат да го испланираат транспортот, доколку е потребен.

 

Сега кога знаете како да го испланирате еден од најмачните проблеми на секоја свадба, изберете ја свадбената локација која најмногу ви одговара, пребарајте слободен термин и испратете онлајн барање за совршената свадба со Термин.мк!