Венчалниот прстен е неизоставен дел од речиси секоја свадбена веселба. Тој има кружна форма, која го симболизира совршенството, вечноста. Со други зборови тој претставува неделива целина која нема почеток и крај.

 


Ова е сериозен традиционален елемент кој заслужува да му биде посветено внимание. Изборот на самиот прстен најчесто е одлука на самите младенци, бидејќи и онака ќе биде лично нивен украсен симбол на заедничкиот живот. Меѓутоа, едно од главните прашања кои се наметнуваат е на која рака и кој прст се носи венчалниот прстен?

 


Одговорот е прилично едноставен. Но, позадината на оваа традиција е особено комплицирана. Венчалниот прстен се носи на четвртиот, односно помеѓу малиот и средниот прст. Ова правило е исто во речиси сите култури и од него нема отстапка. Зошто токму на тој прст е прашање за кое културите немаат консензус. На пример, кинеската мудрост нуди интересно објаснување: според неа, сите прсти на раката имаат засебно значење. Палецот ги симболизира родителите; показалецот браќата и сестрите; додека пак средниот прст ја симболизира самата личност. Малиот прст ги симболизира потомците, односно децата. Домалиот прст е симбол на партнерот со кој личноста ќе го помине животот.


Старите Египќани имаат друго објаснување, но сепак поврзано со истиот прст. Тие верувале дека токму низ тој прст, на левата рака, поминува вена која води директно до срцето. Таа вена уште ја нарекувале и „вена на љубовта“. Иако ваквата теорија е разбиена со развојот на медицината, сепак традицијата е задржана поради романтиката која произлегува од ова верување.

 

Венчалниот прстен, дефинитивно се носи на домалиот прст. Но, на која рака? Левата или десната?

 

Тука не постои правило. Прстенот се носи и на левата и на десната рака, во зависност од културата на одреден дел од светот, но и верувањата внатре во самите заедници. Во најголемиот дел од случаите прстенот се носи на левата рака. Ова се заснова на верувањето дека кога мажот ќе застане наспроти жената и ја испружи својата десна рака ќе ја допре левата рака на својата партнерка. Од оваа причина прстенот се става на левата рака. Обичајот на носење на венчалниот прстен на левата рака е застапен главно во западните култури. Меѓутоа во некои култури левата рака се смета за „нечиста“ па прстенот се носи на десната рака која е наменета за ракување, јадење и сл.

 


Во еврејската традиција постои интересен исклучок. Имено, кај нив прстенот се носи на обете раце, односно раката на која се носи се менува. На пример, за време на одржување на обредот, младиот еврејски пар го носи прстенот на десната рака. По завршувањето на обредот прстенот се префрла на левата рака. Во некои американски супкултури младенците ги носат и вереничкиот и венчалниот прстен одеднаш, обата на левата рака. Што се однесува до редоследот, тој соодветствува на редоследот на настаните. Па така, прво се става вереничкиот, за врз него да дојде венчалниот прстен.

 

Може да се заклучи дека во различни периоди од историјата, како и на различни страни од светот традициите се разликуваат и постојат различни „правила“. Едно е заедничко за сите религии, култури и заедници. А тоа е дека преку венчалниот прстен се изразува љубовта, почит кон институцијата брак, почит кон личноста со која бракот се заснова, желбата за заеднички живот во добро и во зло, како и нераскинливиот однос помеѓу двајца луѓе.


Ако сте подготвени на вашата рака, лева или десна, да се најде бурма, не губете време, испратете барање за резервација на некоја од најдобрите свадбени локации од понудата на Termin.mk.