Доколку сте гостин на некоја свадба, може да ви е малку тешко да одлучите што ќе носите. Еве неколку бои кои мора да ги избегнете, и неколку за кои треба да размислите двапати пред да ги носите.
Кога станува збор за правилата и начинот на однесување на гостите на свадбата, многу стари традиции и правила се сменија во последните неколку години – вклучувајќи ги и боите кои не смеете да ги носите на свадба како гостин. Некои бои кои порано се сметале за табу (како црната на пример), сега се сосема прифатени за носење на најголем дел од свадбите. Сепак, постојат некои нијанси кои треба да ги избегнувате, вклучувајќи и некои кои може да ве изненадат.
Во продолжение – листа на бои кои не смеете да ги носите на свадба, и некои за кои треба да размислите двапати пред да ги изберете.
Никогаш не носете:
Бела боја
Белата е сѐ уште главната боја која не смеете да ја носите на свадба. Најголем дел од невестите носат бело на нивната свадба, и навистина е важно невестата да се издвои од останатите на големиот ден. Дури и да не е намерно, гостите кои носат бело може да остават впечаток дека сакаат да ја засенат невестата, па затоа заборавете ја оваа боја.
Боја на слонова коска
Ова го имате слушнато многу пати: „Но ова не е бела боја, туку е боја на слонова коска (Ivory е).“ Боја на слонова коска, нијанси на бела, крем, ванила, лушпа од јајце – наречете ги како сакате, но доколку е блиску до бела, не ја носете. Исто така, избегнувајте материјали со шеми кои се бели или со боја на слонова коска, како на пример флорални шеми, полка точки или риги.
Едноставно избегнувајте сѐ што е слично на бело или боја на слонова коска, верувајте, сите ќе ви бидат благодарни.
Размислете двапати пред да облечете:
Шампањ или златна боја
Во последните неколку години, венчаници со нијанси на шампањ и злато станаа вистински тренд. Доколку сте поканети на свадба на која знаете дека невестата секогаш ја следи модата, имајте предвид дека може да избере фустан кој е повеќе со златни нијанси наместо бел. За да бидете на сигурно, препорачуваме да избегнете облека или фустан кој доминира со златна боја или нијанси на шампањ.
Светли пастелни бои
Најчесто пастелните нијанси се добар избор и се препорачуваат за избор за облеката на гостите, особено во пролет. Меѓутоа, доколку носите навистина светли пастелни бои, може повторно да изгледате како да носите бела или нијанса на бела боја на свадбените фотографии.
Доколку размислувате за розева или бледо зелена боја за свадбата, обидете се да направите фотка облечени со овие нијанси, на сред бел ден. Доколку на фотката видливо се гледаат нијансите, во ред е да ги носите. Доколку изгледате како да сте облечени во бело, заборавете ги овие нијанси.
Светкави метални нијанси
Доколку присуствувате на денска или неформална свадба, избегнувајте облека или фустани со премногу декоративни елементи и светкави детали. Слично како и кај белата боја, ќе изгледате како да сакате да ја засените невестата, и тоа не е добро. Сепак, доколку свадбата е поформална и официјална, вакви светкави фустани се во ред, само не претерувајте со нешто што може да остави впечаток дека носите венчаница.
Боите кои ги носат деверушите
Доколку не сте деверуша, носењето на исти бои како и деверушите ќе направи да изгледате како да сакате да сте дел од нив, а не сте биле поканети. Ако ја знаете невестата или некоја од деверушите, не се срамете да дознаете какви бои ќе носат, за да можете истите да ги избегнете.
Но што доколку не ја знаете невестата или деверушите? Искористете ја свадбената покана како „трага“, најчесто поканите се дизајнирани да одговараат со останатите бои од свадбата, па доколку гледате боја која доминира, најдобро е истата да ја избегнете.
Доколку присуствувате на интернационална свадба:
Црна боја
Можеби присуствувате на Хинду свадба? Црната се смета за несреќна боја во Хинду церемониите, па најдобро е истата да ја избегнете. Белата исто не е добар избор за Хинду свадба, бидејќи е боја која се носи на погреби, но како што спомнавме претходно, секогаш избегнувајте ја белата боја!
Црвена боја
Црвената боја најчесто ја носат невестите во кинеските свадби, а исто така често среќава и во индиските свадби. Доколку сте поканети на свадби од ваков вид, би сакале да ја избегнете црвената боја, со цел да не ја засените невестата и да не оставите лош впечаток.
Сѐ уште не знаете што ќе носите на следната свадба? Трк кај Евегенија Зафировска и креирајте го вашиот нов свечен фустан во иделната боја!