Ако планиравте свадба среде пандемијата COVID-19, веројатно доживувате најразлични емоции, од вознемиреност до лутина, тага, страв, фрустрација, неизвесност. Вашите свадбени соработници се токму таму со вас заедно... и од една страна не само што искрено ви помагаат за најбезболно поместување на вашиот настан или во размислувањето околу вашите идни планови, од друга страна се и самите длабоко загрижени за нивниот сопствен бизнис. Фото студијата, музичките групи, свадбените локации, ателјеата за декорација, се потпираат на настани за да заработат пари и со многуте свадби што се одложуваат/откажуваат, најверојатно многу од свадбените услуги и нивните мали бизниси ќе имаат голем и сериозен финансиски пад. Во моментов иако имате премногу работи со кои што треба да се справите, за момент размислете на вашите свадбените соработници и супер односот кој сте го воспоставиле до сега со нив, а оттука и на малите начини со кои што може да ги поддржите во ова време, доколку се разбира, вашата финансиска состојба го дозволува тоа.
Еве неколку начини за поддршка на малите бизниси поврзани со вашиот свадбен термин за време на пандемијата COVID-19, без разлика дали претходно сте оставиле капар или не.
1. Свадбени локации
Свадбените локации честопати одржуваат и други настани, како што се роденденски забави, корпоративни настани, мекици, крштевки, младенци, друг тип на коктел вечери итн.. Еден начин да се помогне на овие локации, доколку не успеете да се договорите вашата свадба да ја одложите за краток временски период по вашиот првичен свадбен термин и се решите за дефинитивно откажување, e да го искористите вашиот капар (или дел од истиот) понатаму токму за друг тип на настан во истата локација. Дополнително, можеби ќе размислите да им препорачате на вашето семејството и пријателите да одржат помал настан на оваа локација, како роденден или забава - подоцна во годината. “Word of mouth” е секогаш најдоброто средство за промоција.
2. Цвеќари и ателјеа за декорации
Дури и ако вашето избрано ателје за цвеќе и декорации направи пауза со работа додека трае вонреднава состојба, многумина од нив сигурно сè уште прават испораки и работат по порачки. Па така, ако имате некој близок на кого му се ближи роденден, цветен аранжман може да биде добредојден гест (и да, во ред е да си испратите достава до себе за да го осветлите вашиот дом со прекрасно свежо цвеќе). Друга идеја: Купете гифт картичка (или искористете го вашиот капар) за подароци за цветна испорака подоцна во текот на годината.
3. Фото студија (Фотографија и видео)
Подарок ваучер за фото сесија е одличен подарок! Ако имате сакана личност на која и се ближи некој битен момент или настан, зошто да не им подарите фото сесија што ќе се одржи подоцна во годината? Можете исто така да закажете своја сесија за семејни фотографии за подоцна воесента со цел да ја покажете својата постојана поддршка за бизнисот на вашиот фотограф.
4. Музички групи и DJ-и
Музиката никогаш не застанува, дури ни во услови на пандемија 😊. Поради свадбите и настаните кои се одложуваат/откажуваат, на музичките групи и диџеите ќе им треба вашата поддршка повеќе од кога и да било. Промовирајте го вашиот диџеј или бенд на социјалните медиуми, или споделете песна што тие ја креирале или препеале, или направиле одреден remake на истата. Дополнително, препорачајте им ги на членовите на семејството или пријателите кои имаат настани што допрва доаѓаат годинава. Кога работите повторно ќе се вратат во нормала, вашиот маркетинг и безрезервна промоција може да помогне на вашата музичка група или диџеј да “фатат” некој настан плус.
5. Свадбени торти
Голем дел од свадбените локации нудат во избраното мени и свадбена торта. Но, доколку сте биле од оние парови кои имале посебна желба околу овој дел, сега би било супер кул потег да го прославите вашиот оригинален термин на свадбата - со нарачување на истата торта од вашата слаткарница! Звучи баш младалачки, нели? Домашна, приватна забава, и вашата торта на неколку спрата 😊.
Доколку и не сте баш за ваков потег, а вашaта слаткарница сè уште работи, купете мала торта исподелите ја со вашиот сопружник. Уживањето во сладок третман во овие тешки времиња може да биде главен засилувач на вашето расположение.
6. Кетеринг услуги
Некои кетеринг услуги се префрлаат на продажба на оброци за носење и испорака бидејќи сите типови на настани се во мирување. Ако можете да ја поддржите вашата кетеринг услуга со купување на оброци за дома, тоа сигурно ќе биде прифатено. Исто така, можете да испраќате испораки со оброци на пријатели или членови на семејството кои се дома и можеби нема да можат сами да готват.
7. Свадбени планери
Во нашата држава се уште свадбени планери ретко кој ангажира со цел целосна или делумна организација на неговата свадба. Но, доколку токму вие сте едни од ретките, и ако ја одложувате свадбата, свадбениот планер е оној кој најефективно и најефикасно треба да ја заврши работата и да биде вашиот главен извор на помош, односно да ви помогне да ги презакажете термините со сите ваши свадбените соработници, и да управувате со целосната ситуација подобро. Во овој случај, сè уште може и треба да работите со вашиот свадбен планер и да му платите за тоа што ќе ви помогне за реализација на вашите нови планови.
Од друга страна пак, спаѓате во оној поголем процент на парови кои сами си ја прават целосната организација околу свадбата и не сте ангажирале свадбен планер за вашата свадба, можеби сега е правото време за тоа, да ви помогне сега кога стресот околу одложувањето на вашиот свадбен термин станува поголем.
Најважно во овие моменти е да сме солидарни и да покажеме емпатија кон сите околу нас. Секаков тип на помош е добредојдена, и секогаш кога ќе имате шанса да го направите тоа, помогнете! Старите велат: кој дава, двојно му се враќа! 😉