Втор бран летни свадби, а многумина од вас се уште се двоумат што ќе носат на наредната свадба на отворено. Додека поголемиот дел од времето го минуваме во casual облека, кога ќе дојде време за свадбената прослава, сите сакаме да изгледаме пристојно, колку и да се обидуваме да го "скриеме" тоа... машка работа :).
Зошто е потребно да знаете што ќе облечете?
Целодневна забава, многу играње и поздравување со пријатели и роднини – и сето тоа на над 30 степени.
Во продолжение – неколку совети за лесен, но сепак софистициран стил, кои ќе ви помогнат во изборот на outfit за вашиот нареден закажан свадбен термин.
1. Прво и најважно – држете се до вашиот стил
Од формални црни одела до casual светли кратки панталони.
Без разлика на она што е во тренд или она што другите го очекуваат од вас – најважно е да се држите до вашиот стил. Освен некои основни правила, најдобрата облека е онаа во која вие се чувствувате најдобро. Се разбира, доколку младоженците (читај – невестата) одлучат и експлицитно нагласат одреден стил, потребно е да ги почитувате. После сè, тоа е и нивна свадба.
2. Безвременската бела кошула
Најдобро е да се држите до памучни или кошули од пуплин или лен. Белата боја е апсолутна класика и може да се комбинира со било која боја на вратоврска. Но, за одреден суптилен контраст, обидете се со небесно сина, светло зелена или розова боја.
Во секој случај, потребна ви е лесна и светла кошула во која ќе чувствувате удобно низ целиот ден.
3. Панталони – долги или кратки?
Поголемиот дел од мажи се одлучуваат за долги панталони бидејќи едноставно се чувствуваат најдобро во истите. Меѓутоа, кратките панталони се исто така опција. Што и да носите, како и за се друго, удобноста е најбитна.
Можете да комбинирате речиси било каква боја на панталони со бела кошула, па од тука – само експериментирајте. Доколку светлите бои не се за вас – изберете суптилна беж нијанса која ќе ви помогне да најдете соодветни чевли и сако.
4. А каде без сако?
Во топлите летни денови, нема да згрешите ако вметнете ленено или памучно сако во вашата комбинација. Доколку размислувате за некоја „весела“ боја на панталоните, важно е сакото да биде со неутрална светла боја. Обратно, можете да искористите сакото за да внесете боја во комбинацијата, доколку носите панталони со некоја неутрална боја.
5. Фенси модни додатоци?
Додатоците на вашата облека за летната свадба се можеби баш тоа што ви треба за да го скроите вашиот минималистички или екстравагантен стил. Од часовници до накит, изберете додаток кој се придржува до првиот совет погоре.
Се разбира – наочари. Супер додаток за во лето, но и супер за следење на сите слободни деверуши под силното сонце.
6. Кратки совети за крај кои можеби не сте ги знаеле
Еве еден – не го засенувајте младоженецот. Зошто би го правеле тоа?
Исто така, добро проверете ја поканата. Можеби станува збор за елегантна, свечена свадба.
Понатаму, имајте ги на ум терминот и локацијата на свадбата. А што ако врне? Исто така, мора да бидете подготвени за промени во времето.