Оваа возбудлива и атрактивна сцена веќе беше реализирана по вкус и визија на брачниот пар Грант Енглер и Аманда Волф, од Гранд Рапидс, Мичиген, кои во брачните води буквално долетаа од небо. Летечката венчавка беше изведена во заливот Њупорт, Јужна Калифорнија.
Концептот доста едноставен, а истовремено возбудлив и импресивен – младоженецот и невестата тргнуваат од различни краеви на брегот, буквално „ракетирани“ кон импровизираниот олтар каде ќе го кажат судбоносното „да“. Или кажано со малку фигуративен говор – љубовта буквално ги лансира во воздух и на атрактивен начин ги воведува во заедничкиот, брачен живот.
Во конкретната реализација на споменатата летечка свадба на Грант и Аманда, зетот и невестата претходно имаа тричасовен забрзан курс за летање со ракетните појаси кој започна во 9 часот утрото. Свадбената церемонија започна во 3 часот попладне, откако тие претходно со брза пракса ги совладаа техниката и правилата на управување на „леталата“ на рачна навигација.
Целата церемонија, како концепт, се одвива на целосно невообичаен и неконвенционален начин, при што истата, како своевиден сценски перформанс, целосно може да се дефинира и координира во согласност со желбите и креативноста на младенците заедно со организаторот.
Оваа свадбена возбуда, без многу проблеми и пречки, лесно може да се воведе како свадбен термин и во македонската палета на невообичаени свадбени понуди со нестандардни локации. Сè што е потребно е финансиска инвестиција – а тука треба да споменеме дека еден ваков комплет ракетен појас чини од околу 100.000 долари, па нагоре.
Знаеме, цената е малку вртоглава, но замислете ја атракцијата кога зетот и невестата би слетале на некое атрактивно место, да речеме, на брегот на Охридското езеро, со претходен импресивен поглед од птичја перспектива на целото крајбрежје, како и на сините езерски води. Тоа сигурно би било и балканска атракција на која би „загризале“ и брачните парови од нашите соседни држави, па тоа ти доаѓа и како пакет „две во едно“ – ем свадба, ем развој на туризам. Креативно, возбудливо и исплатливо, ќе признаете.