Голема и значајна улога во подготовките и планирањето на вашата свадба е справувањето со луѓето – вашето семејство, вашите сватови, гости, свадбени локации, други услуги поврзани со денот на свадбата итн. Понекогаш, со овие луѓе може да искрснат ситуации кои се исто толку забавни како кога ќе налетате “ќори” пијани на бивша.
Од дискусии за пари до листа на гости, во ек на сезона на свадби ви составивме листа од потенцијални непријатни и деликатни разговори со кои може да се сретнете, со предлог учтиви одговори и работи кои дефинитивно треба да избегнете да ги кажете.
Ситуација 1: Петте минути на мама и тато
Треба да ги прашате вашите родители дали ќе помогнат делумно финансиски или целосно да ја покријат вашата свадба.
Што препорачуваме: Mамо, тато, ние започнавме да го дискутираме нашите планови околу свадбата и се прашувавме ако сте во можност да придонесете било како?
Што НЕ смеете да кажете: Слушајте, ние правиме свадба и ни требаат (X сума на пари). Ќе плаќате во кеш или со картица?
Ситуација 2: Цена на мени
Цената не менито кое го сакате во ресторанот за свадба е нешто поскапа од тоа што сте го планирале. Спремни сте за преговарање...
Што препорачуваме: Вашиот ресторан премногу ни се допаѓа и навистина би сакале нашата свадба да биде тука, но цената која ја барате е за нијанса повисока од нашиот буџет, кој е (кажете ја точната сума). Има ли некаква шанса да се договориме?
Што НЕ смеете да кажете: Бевме уште во три други ресторани и нивната цена на мени е многу пониска од вашата, па...?
Ситуација 3: Има ли нешто гратис?
Ја посетувате свадбената локација со цел истата да ја погледнете и слушнете понудата.
Што препорачуваме: Седнете, образложете каква е вашата замисла околу свадбата, бројот на гости, типот на забава и внимателно ислушајте ја препораката и понудата на сопственикот/менаџерот.
Што НЕ смеете да кажете: Седнувате, и пред да образложите што ви е потребно и ја слушнете понудата, вашето прво прашање е - а имате ли нешто гратис? (мислејќи на осветлување, торта, фотографирање итн.)
Ситуација 4: Брат, јас ќе ти средам!
Ваш другар се нуди да се погрижи за одреден детаљ од свадбата, наместо вас (кетеринг, осветлување, торта, декорација итн.)
Нели, нашава државичка е мала, и сите имаме по некој број 1 човек за нешто, или пак сакаме да затвориме компензација 😊. Вие, не сте заинтересирани.
Што препорачуваме: Навистина ти благодарам за понудата, но би сакал оваа работа да ја препуштам на (конкретно име). Вистински професионалци се и до сега се имаат докажано во неколку наврати. Би сакал ти да уживаш во свадбата и да не мрднеш со мал прст.
Што НЕ смеете да кажете: Тебе не би ти дал ни кучето да ми го прошеташ.
Ситуација 5: Ќе ме поканиш?
Не толку близок пријател си дозволува директно да ве праша за списокот на гости, индиректно – дали е тој поканет. Секако, не е.
Што препорачуваме: Ние навистина сакавме да ги поканиме сите наши пријатели на свадбата, али буџетот ни е супер ограничен, и навистина не можевме да си дозволиме да ја направиме масовна.
Што НЕ смеете да кажете: Уф, брат, стварно веќе не знам кого сè напишавме... (а погледот вe издава и директно му кажува, не си поканет).
Ситуација 6: Добар е ама ...
Вашата старосватица/кум навистина се тешки и непредвидливи луѓе. Или имаат лошо пијанство... За момент, се каете за вашиот избор и не ги сакате близу до вас на овој важен ден.
Што препорачуваме: Приметив дека си видно вознемирен/а. Што се случува, како да ти помогнам? Ај по едно “живели”.
Што НЕ смеете да кажете: Нејќам да те видам, напушти ја свадбата! И ете ви, “куршлус”...
Ситуација 7: 450+
Вашите родители сакаат да поканат повеќе гости од тоа што вие сте планирале.
Што препорачуваме: Со Јана навистина би сакале да ја задржиме листата на гости на оваа бројка. Ајде да поминеме уште еднаш низ вашиот список и да видиме што би можеле да направиме околу тоа.
Што НЕ смеете да кажете: Ма нема шанси тие “рандом” луѓе да ми дојдат на моја свадба, не знам како изгледаат...
Ситуација 8: Види што убаво ти стои!
Вашата свекрва инсистира да го носите нејзиниот венчален фустан. Секако, вие планирате да си купите свој.
Што препорачуваме: Навистина ми е чест што барате од мене да го носам вашиот фустан, но навистина сметам дека нема да ми стои добро, како на вас. Ајде да смислиме друг начин да му најдеме место на свадбата. Можеби, можам да употребам дел од материјалот, и да го замотаме околу мојот букет?
Што НЕ смеете да кажете: Нема шанси, ужасен е и демоде.
Ситуација 9: Што? Како? Каде? Колку?
Вработените сакаат да дознаат што е можно повеќе за вашата свадба, но вие не преферирате да се расфрлате со информации.
Што препорачуваме: Планирањето на свадбата е навистина стресно, сакам да го оставам на врата кога излагам од дома и доаѓам на работа. Ај да зборуваме за Game of Thrones? 😊.
Што НЕ смеете да кажете: Дај престанете да ме “замарате” за свадбата, не е ваша работа.
Ситуација 10: +1
Близок член на семејството прашува дали може да го покани својот нов важен лик во својот живот на свадбата.
Одговорот е – не.
Што препорачуваме: Навистина ми е жал, но по сите прегледување на списокот и капацитетот на салата, не би можеле да додадеме нови места за седење. Ептен сме кнап, а и буџетот ни е ограничен.
Што НЕ смеете да кажете: Никогаш не сум го сретнала, не го ни познавам, мислиш дека би го поканила? Не се прави на три ипол, Маја.
Ситуација 11: Проценете сами
Член на семејството сака за време на здравицата да одржи мал говор пред сите присутни.
Што препорачуваме: Навистина го цениме предлогот, но не би сакале свадбата да се сведе на емотивни говори. Едноставно сакаме сите да се забавуваат и играат.
Што НЕ смеете да кажете: „Чичо, ќе бидеш мртов пијан, нема шанси да те пуштам да ме срамиш пред гостите, посебно пред овие од другата страна.“