Пештерите Карнглејс се туристичка атракција која се препорачува за семејно авантуристичко искуство во секој период од годината. Лоцирани се во близина на селото Сент Неот, на јужниот раб од Бодмин Мур во Корнвол, Англија.
Од повеќето прекрасни атракции кои ги нуди овој локалитет, ние за вас ја бираме како автентична и импресивна понудата за свадбена церемонија во подземно опкружување, на бреговите од подземното езеро во Корнвол. Интимно, атрактивно, возбудливо, а сепак опуштено – ова место е одличен избор за сите кои не се пронаоѓаат себеси во едноличноста на конвенционалните свадбени веселби со народни ора, качувања по маси, кафанско лумпување и слично.
Подземното езеро како опција за свадбен локалитет е со специјална дозвола регистрирано за капацитет од максимум 40 гости, плус персоналот кој ќе ги служи „сватовите“.
Сместени крај кристалните тиркизни води на подземното езеро, во романтична атмосфера збогатена со светлина на свеќи (кои, секако, не се безусловен декоративен ефект, туку по желба на младенците), гостите ќе ја почувствуваат уникатноста на подземната невообичаена убост на оваа локација.
Колку чини оваа необична свадбена церемонија?
Ако ги отфрлите сите оние давачки за подароци за „законите“ и слични ангажирани трошоци, кои секогаш чинат неколкукратно повеќе отколку што на почеток сте планирале, и ако му удрите еден есап на тоа дека ќе ги поканите оние вистински најблиските и најдрагите личности (нели, максимум 40), ќе ви испадне свадбена математика која воопшто не е нешто посебно скапа и недостижна дури и за наши услови. Добро, далеку е, ама овој свадбен термин би можеле да го вклучиме и кај нас, ако се најде некој јунак на наш терен да се заангажира и да воведе ваква „свaдбена подземна дисциплина“ во некоја од нашите пештери. А ние немаме недостаток од пештери, верувајте.
За свадбена церемонија на бреговите од подземното езеро во Корнвол цените се движат од 500 до 1.500 фунти, плус ДДВ, секако. Цените варираат во зависност од периодот во годината, денот од неделата (дали е работен ден среде недела или е во викенд) и секако, оние специфични барања и желби на младенците, кои се достапни да бидат вклучени во свадбениот пакет. Фотографирањето под земја, нормално, е дозволено. И не само дозволено, туку и препорачливо, но фотографот, сепак, ќе треба вие да си го ангажирате.
Ако некој е веќе загреан и заинтересиран за ваква авантура на најважниот и највозбудлив ден од вашиот живот, ние срдечно и топло му препорачуваме да го искуси тоа доживување. Гарантирано ќе го памети засекогаш, а и ќе има невообичаена приказна која сигурно со возбуда ќе ја споделува со своите пријатели и познаници ☻