Непобитен факт е дека технолошкиот развој во нашето секојдневие буквално гази сè пред себе. Технологијата не само што гази, туку гази со сигурен и брз чекор, па со неа, на некој начин, брзо и динамично се менуваат и трендовите. Неспорно, големи се придобивките од истата, а во овој контекст ќе споменеме една многу битна за нас - електронската проверка на свадбени термини. Сепак, динамиката на технологијата носи ризик она што некогаш беше уметност, денес да биде е баналност. Уметноста се тривијализира, а баналноста, пак, се воздигнува на некое навистина недостојно ниво.

 

Да не се разбереме погрешно, не сакаме да судиме за нечиј вкус, но, некои работи едноставно не е чесно и долично да се тривијализираат до баналност. Пример, свадбата. Важен момент во животот на многу луѓе. За најголемиот дел од оние кои се решаваат на таков чекор – once in a lifetime настан. А што друго останува како најсвежо сеќавање од вашиот „голем ден“, ако не фотографиите. И снимките.

wed-on-canvas1

Е сега, во не така далечното минато, пред, да речеме дваесетина години или слично, кога фотографите „чкрапаа“ со апарати на филм, тоа беше ограничена колекција од не многу голем број фотографии, пар видео ленти од свадбената забава и многу сеќавања во мислите, кои со текот на времето се трудите да ги одржувате свежи, а сепак бледнеат.

wed-on-canvas2

Денес? Илјадници фотографии направени со десетици дигитални апарати, стотици „смартфони“. А да не правиме муабет за „селфи“ кадрите по кои збеснаа луѓето, па место да се забавуваат на веселбата, повеќе се „самосликаат“. Сè на сè – фотографско банализирање на големиот свадбен момент. Квалитетот слаб, а трајноста уште послаба (повеќето фотографии без квалитет трајно се забораваат и бришат од папките во компјутерите).

wed-on-canvas3

Што ни е муабетот? Со уметноста против баналноста – тоа ни е пораката. А предлогот креативен и оригинален, а сепак едноставен и лесен за реализација. Замислете ја импресијата после свадбата, покрај сите фотографии и снимки, да добиете и барем две-три квалитетно насликани уметнички слики на кои трајно, и со креативен стил, се овековечени неколку најбитни моменти од вашиот најважен ден. Моменти од најголемиот ден најубаво врамени во уметничкиот колорит на сликарскиот израз. 

wed-on-canvas4

wed-on-canvas5

Уметничките слики се вредност и трајност која никогаш нема да изгуби на цена. Додека одат венчалната и свадбената прослава, си ангажирате уметник (а тоа можат да го вклучат во својата пакет-понуда како услуга и фотографите и фото студијата кои работат свадбена фотографија) кој, седнат од страна, засекогаш, ама вистински засекогаш ќе го овековечи вашето брачно „засекогаш Да“.

wed-on-canvas7

wed-on-canvas6

И не само што имаат трајна вредност, туку како уметнички дела остануваат и како наследство кое се пренесува на идните генерации, а кое едновремено може да ве потсетува на вашиот „голем ден“ и да ги краси ѕидовите од вашиот дом. Па зарем има поубав декор за вашето семејно гнездо од уметничко дело кое трајно ги овековечува вашите свадбени моменти? Како доказ пред вас ги имате делата од веќе разработената уметничко-свадбена шема на Бен и Џенифер Кис, кои на прекрасен начин ги имаат искомбинирано овие две димензии и досега имаат овековечено голем број свадби на уметничкото платно.

wed-on-canvas8

wed-on-canvas9

wed-on-canvas10

Ќе имате и фотографии, секако. Трендот и времето го наложуваат тоа. Фотографите ќе си ја завршат работата. Но, зошто да не сте автентични и да не можете да се пофалите пред пријателите и роднините со еден навистина уникатен пристап кон зачувувањето на спомените од свадбената журка.

wed-on-canvas11

wed-on-canvas12

wed-on-canvas13

Верувајте, крајниот резултат ќе ве воодушеви – уметноста и убавите спомени се прекрасна и топла комбинација. Башка, замислете по неколку години, колку ќе ви биде забавно кога ќе си евоцирате спомени, гледајќи ги уметничките слики од вашата свадба и обидувајќи се да не заборавите кој од гостите е „фатен“ на нив.

wed-on-canvas14

wed-on-canvas15

wed-on-canvas16

wed-on-canvas17