За некои родители е навистина предизвикувачки да ги дисциплинираат своите деца. Родителската љубов не ретко е пречка на децата да им се објасни дека нивното однесување или некоја нивна постапка е лоша или несоодветна. Секој родител би сакал да види насмевка на лицето на неговото дете, меѓутоа децата често знаат да ја преминат границата и да направат нешто неприфатливо.

 

Забраните или санкциите, доколку се искажани или спроведени на погрешен начин можат да предизвикаат долгорочни последици. Спротивно на тоа доколк успеете да им кажете „НЕ“ на вистинскиот начин, самите ќе се ослободите од проблеми и непријатности во иднина.

 

Ние ви нудиме неколку совети за тоа како полесно да се справите со овој проблем: 

 

Еднаш е доволно

Мора да бидете јасни и одлучни првиот пат кога ќе кажете „не“. Обидете се преку изразот на лицето да им сигнализирате дека сте сериозни и објаснете им на едноставен начин зошто не им го дозволувате она што сакаат да го добијат. Доколку овој „рецепт“ не функционира, обидете се со поинаков пристап. Во секој случај бидете цврсти и не одстапувајте од она што сте го замислиле.

Објаснете

Не е доволно само да му забраните нешто. Децата често не разбираат, па истото однесување ќе го повторуваат и во иднина доколку не им објасните зошто истото го сметате за несоодветно. Обидете се да пронајдете соодветно објаснување и потрудете се тоа да ве разбере.

„ДА“ може да значи „НЕ“

Децата го слушаат зборот „не“ доволно често. Тоа може да предизвика директни контраиндикации. Меѓутоа, „да“ во одредени ситуации сосема легитимно може да значи „не“. Искористете ја ситуацијата и доведете се себеси во поволна позиција. На пример, доколку вашето дете побара чоколадо за време на ручекот, одговорете со: „Да, може, но откако ќе завршиш со ручекот“; наместо класичниот негативен одговор. Доколку ви побара нова играчка додека пазарувате, одговорете со: „Да, ако тоа го сакаш за својот роденден“; на тој начин детето ќе научи да прави компромис.

Не го подигајте гласот и не викајте

Викањето може да предизвика проблеми во развојот на децата. Бројни студии се имаат занимавано со оваа проблематика и заклучокот е дека ваквиот вид траума може да влијае особено неповолно врз емоционалниот развој на децата. Важно е да научите со нив да комуницирате на тивок и смирен начин. Обидете се да се вклучите во дискусија со нив доколку нивното однесување не ви се допаѓа. Низ разговор обидете се да ја смените темата односно да ги рефокусирате во позитивна насока.

Почитувајте ја нивната приватност

Меѓусебните расправии не ги правете пред други луѓе. Обидете се да го придобиете нивното внимание и во приватност разрешете ги недоразбирањата. Ако не ги почитувате во јавност тоа ќе го запаметат и ќе влијае на вашиот однос неповолно, особено доколку другите ги исмеваат поради тоа. Таквиот однос ќе го применат и кон самите вас, бидејќи ќе го сметаат како легитимен начин за решавање на проблемите. 

 

Termin.mk ви нуди увид во најголемата база на детски игротеки и термини за прослави на детски родендени! Одберете игротека и термин и испратете он-лајн барање за резервација!